Свет 27. декември 2019. / 12:34

За време на празниците во Хонгконг уапсени 336 демонстранти

За време на празниците во Хонгконг уапсени 336 демонстранти

Полицијата во Хонг Конг уапсила 336 луѓе за време протестите што продолжија и за време на божиќните празници.

Портпаролот на полицијата, Квок Ка-Чуен, соопшти дека од понеделник до четврток биле уапсени 92 жени и дека меѓу уапсените има и 12 малолетни лица.

Со ова бројот на притворени за време на протестите се зголеми на речиси 7.000, повеќето од нив студенти.

Демонстрантите, облечени во црно, некои со капи на Дедо Мраз, кршеа излози на продавници, додека полицијата реагираше со солзавец и апсења.

Според најавите, демонстрациите што траат повеќе од шест месеци, ќе продолжат и во новата година.

Квок ги осуди, како што ги нарече, нападите врз обичните граѓани во трговски центри и ресторани и вандализмот на јавната инфраструктура, вклучувајќи ги и метро станиците, банките и електроенергетската мрежа.

– Нивниот план е да ги замолчат оние кои застапуваат различни ставови и да ја тероризираат јавноста. Оние кои не се согласуваат со нивното насилство, ќе наидат на насилство – изјави Квок.

Протестите, со кои се бараат поголеми демократски права, не прекинаа ниту по убедливата победа на антивладините кандидати на локалните избори на почетокот од овој месец.