Свет 31. мај 2018. / 12:52

За критика кон власта во Емиратите добил казна затвор од десет години

За критика кон власта во Емиратите добил казна затвор од десет години

Истакнатиот активист од Обединетите Арапски Емирати, Ахмед Мансур, е осуден на 10 години затвор за критикување на владата. Поради неговите критички настроени објави на социјалните мрежи, Мансур ќе мора да плати и парична казна од 272 000 долари.

Како што наведува агенцијата „Ројтерс“, ОАЕ се деловен и туристички центар на Блискиот Исток и апсолутистичка монархија во која слабо се прифаќаат критики кон владејачкиот систем. Мансур и другите продемократски активисти се константно гонети за нивните ставови кои се толкуваат како навреда за лидерот на земјата.

Како што се наведува, Мансур бил меѓу петтемина активисти осудени под слични обвиненија во 2011 година за време на т.н. Арапска пролет.

Овој електроинженер и поет, беше уапсен во март 2017 година и беше обвинет за прокламирање секташтво и омраза, а беше ослободен од обвиненијата за тероризам.

Организациите за заштита на човекови права ги повикаа властите да го ослободат Мансур, нарекувајќи го неговиот притвор кршење на слободата на изразување и мислење.