Свет 27. март 2020. / 13:53

За 48 часа болниците во Париз ќе бидат „удавени“ од пациенти

За 48 часа болниците во Париз ќе бидат „удавени“ од пациенти

Темпото со кое во Париз пристигнуваат болни од корона вирусот е такво што во наредните 24 до 48 часа ќе се исцрпат болничките капацитети за да можат да им помогнат. Ова го изјави раководителот на Француската федерација на болниците, според кого пикот не се очекувало да настапи пред крајот на март.

Во француската престолнина моментно се наоѓаат над една четвртина од 29.000 потврдени пациенти, кои се сместени во болниците. Речиси 1.300 од нив се сместени на интензивните одделенија. Бројот на починати во државата изнесува 1.700 лица.

-Очигледно ќе имаме потреба од помош во Ил де Франс (реонот околу Париз), заради случувањата на исток, што се се поблиску до нас, изјави за телевизијата BFM, Фредерик Валту.

Притоа тој мисли на Гранд Ест, во кој се појави првото француско жариште и каде болниците се веќе „удавени“ од приливот на болни. Армијата помага во префрлувањето на некои од болните во критична состојба во други градови.

-Лимитот ќе го достигнеме во наредните 24 до 48 часа. Имаме потреба од демонстрирање вистинска солидарност меѓу реоните и болниците, како и од префрлањето пациенти на интензивните одделенија. Ако оставиме болниците во секој реон сами да се справуваат и да бидат оставени сами на себе, тогаш ни претстои катастрофа, дополни Валту.

Властите во Париз бараат легла за интензивна нега, респираторни апарати и медицински персонал, обидувајќи се да ги распределат болните и во предградијата, пишува Ројтерс.