Свет 18. ноември 2019. / 12:04

Вознемирувачки пораст на број на заболени деца од рак во Франција

Вознемирувачки пораст на број на заболени деца од рак во Франција

Во околината на  францускиот Русе, во близината на границата со Швајцарија, регистрирани се десет случаи на рак кај деца.

Регионалната здравствена агенција (АРС) за Бургундија Франш-Комте соопшти дека почнала епидемиолошко истражување по откривањето на десет сомнителни случаи на педијатриски карциноми во Горна-Јура. Деца од шест месеци до 13 години кои живеат во општините Русе, Морбие, Морез, Сен Пјер и Преманон.

АРС посочува дека го информирала Јавното здравство на Франција, агенција под надзор на Министерството за здравство, за да иницира епидемиолошко истражување за овие случаи и да побара можно објаснување. На 14 октомври се одржала првата информативна средба за семејствата.

– Во интерес на транспарентност и слушање на семејствата, целта беше да се разговара за пристапот, целите, методите и вклученоста на овие семејства во овој процес, кој сега е во тек – се наведува во соопштението на АРС.

Русе е планинско одморалиште со 3.500 жители.

РЕМЕРА (Регистарот на малформации во Рона-Алпи) наведува дека осумте случаи на малформации кај бебињата на територија во радиус од само 17 километри  се должи на загадување со пестициди или токсини и контаминирана вода.

Француските властите апелираат да не се создава психоза кај граѓаните.