Свет 03. јуни 2020. / 21:15

Во Вашингтон распоредени 1.600 американски војници во зголемена готовност

Во Вашингтон распоредени 1.600 американски војници во зголемена готовност

Околу 1.600 американски војници се распоредени во околината на  Вашингтон и се наоѓаат во состојба на „зголемена готовност“.

Како што соопштија од Пентагон, таквата одлука е донесена во очекување на нови протести против во градот.

Протестите против полициската бруталност и системскиот расизам во САД иницирани од убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, продолжија низ улиците Вашингтон, Њујорк и Лос Анџелес.

Стотици лица се собраа во близина на оградата што ги спречува да влезат во паркот во близина на Белата куќа, каде што во понеделникот демонстрантите беа растерани со солзавец.

Претежно мирните протести од изминатите неколку дена повремено беа одбележани со насилства. Четворица полицајци се повредени во Сент Луис и еден во Лас Вегас за време на судири со демонстрантите. Илјадници демонстранти се уапсени низ целата земја, а има и загинати и потешко повредени.

За разлика од Трамп, американскиот министер за одбрана Марк Еспер изјави дека не поддржува активирање на војската за сузбивање на протестите, оценувајќи дека војската треба да се користи кога ќе бидат исцрпени сите други можности.

Законот за немири постои за најургентните и најделикатни ситуации, кога се ангажираат војници на задачи од надлежноста на полициските служби. Сега не е таква ситуација и јас не го поддржувам тој предлог – потенцираше Еспер.