Истрага спроведена од страна на канцеларијата на државниот обвинител во Пенсилванија, од која вчера беше објавен извештај, покажува дека повеќе од 300 свештеници педофили сексуално злоупотребувале најмалку илјада деца, а Католичката црква од оваа сојузна американска држава се обидувала да ги скрие ваквите податоци.
Извештајот содржи и детаљни описи на ужасната злоупотреба што со години се случувала во црквата, кои датираат уште од 1947 година. Некои од жртвите најпрвин биле алкохолизирани, а потоа биле принудувани на сексуални односи. Се опишува и сексуална злоупотреба на жртви што биле на возраст под десет години.
„Веруваме дека вистинската бројка на злоупотребувани деца е многу повисока. Веројатно станува збор за илјадници жртви, но многумина од нив се плашат да истапат и да кажат што се случувало со нив“, се вели во извештајот.
Во финалниот извештај, составен од страна на народната порота, во кој биле наведени заклучоците од истрагата, се наведува дека речиси сите случаи денес се сметаат за застарени и не може да добијат правна разврска.
Сепак, двајца свештеници се обвинети, еден за сексуална злоупотреба на неколку деца, од кои последната се случила во 2010 година.
„Епископите и кардиналите, генерално, се заштитени од страна на Црквата“, се вели во извештајот.
Иако тие не може да бидат кривично гонети, поротата одлучи да објави имиња на десетина свештеници обвинети за педофилија врз основа на заклучоците од истрагата.