Во текот на предизборната кампања во Мексико се убиени 133 политичари, соопшти Институтот за анализа „Етелект“. Меѓу жртвите има 20 кандидати и 28 политичари кои планирале да се кандидираат за изборите што ќе се одржат в недела.
На претходните избори беа убиени девет политичари и еден кандидат.
В недела ќе се одржат претседателски, парламентарни и локални избори. Ова е инаку најсмртоносната предизборна кампања во Мексико, земја која лани забележа рекордни 25.339 убиства. Војната против криминалните банди и нарко-картели која во 2006 година ја покрена владата на Фелипе Калдерон предизвика уште поголеми насилства во земјата. „Криминалците не се откажуваат да се ослободат од политичарите кои не можат да ги контролираат“, изјавил директорот на „Етелект“, Рубен Слазар.
Од 2006 година досега се убиени повеќе од 200.000 луѓе, но не се знае точно колку од овие жртви се поврзани со организиран криминал. Во истиот период, повеќе од 30.000 луѓе се исчезнати.