Германските истражители денес соопштија дека го затвориле центарот за обработка на податоци поставен во поранешниот бункер на НАТО каде што биле активни сајтови на кои се тргувало со дрога и детска порнографија.
Како што на новинарите им откри обвинителот Јерген Бауер, главен осомничен во долгогодишната истрага која довела до вчерашната рација е 59-годишен Холанѓанец за кои властите веруваат дека во 2013-та година го купил бункерот на НАТО во град на реката Мозел во Западна Германија.
Тој потоа го претворил бункерот во голем и добро обезбеден центар за обработка на податоци и го направил достапен за клиентите само за илегални цели.
Истрагата е отворена против 13 лица на возраст од 20 до 59 години, вклучувајќи тројца Германци и седум холандски државјани
Тие се обвинети за формирање на злосторничка организација и разни други дела, вклучувајќи продажба на дрога, фалсификување на пари и документи и дистрибуција на детска порнографија.