Според нова книга за американскиот претседател, напишана од двајца новинари на „Вашингтон пост“, Доналд Трамп има малку познавање на историјата и географијата .
Книгата „Многу стабилен генијалец“ (A Very Stable Genius), напишана од Филип Ракер и Керол Леониг, на 417 страници ги истакнува епизодите на насилно однесување од страна на американскиот лидер и неговото непознавање за основните работи од географијата и историјата.
Еден од примерите за непознавањето на Трамп, што авторите го наведуваат во книгата, е тоа што Трамп не знаел дека Индија и Кина делат заедничка граница.
– Па, не е таква состојба како што би била да ја имате Кина на вашата граница – потестуваат авторите на изјавата на Трамп дадена за време на разговорите со индискиот премиер Нарендра Моди.
Двете држави делат долга граница (околу 3.400 километри) и во 1962 година водеа војна околу спорниот дел од границата на Хималаите.
По коментарот на Трамп за границата и неговото грубо негирање на заканата од страна на Кина кон Индија, „Моди остана со поглед полн со изненадување“, пишува во книгата чии извадоци објави Вашингтон пост.
Во книгата се додава дека „расположението на Моди постепено се смени – од шок и грижа до резигнација“, а пишува и дека советникот на Трамп им кажал на авторите дека „Индијците направиле чекор назад“ во дипломатските односи со САД.
Книгата зборува и за посетата на Трамп на споменикот „УСС Аризона“, американски воен брод потопен од јапонски авиони на 7 декември 1941 година во напад врз Перл Харбор.
– Еј, Џон, за што станува збор? Што посетуваме? – наводно, тогаш Трамп го прашал началникот на Генералштабот, Џон Кели.
Авторите пишуваат дека „Трамп ја слушнал фразата ‘Перл Харбор’ и изгледаше дека разбра оти го посетува местото на историска битка, но се чинеше дека не знае ништо повеќе од тоа“.
Книгата, меѓу другото, цитира изјава од поранешен висок советник на Белата куќа, кој кажал за американски лидер: „Тој некогаш беше опасно неинформиран“.