Во Германија е потврден првиот случај на корона вирусот, епидемијата што избувна во Кина кон крајот на минатата година.
Канцеларијата за здравство во Баварија потврди дека со вирусот е заразен жител на Штарнберг, место на триесет километри од Минхен.
Пациентот засега е во добра состојба и е под лекарски надзор.
Луѓето кои биле во контакт со пациентот биле информирани за можните симптоми на болеста и мерките што треба да ги преземат доколку се промени нивната здравствена состојба.
Германскиот снабдувач на делови за автомобили „Вебасто“ објави дека заразениот со корона вирусот е нивен вработен кој се заразил откако работник од Кина го посетил седиштето на компанијата во Штокдорф, Баварија.
– Компанијата потврди дека лицето заразено со коронавирусот е од Штарнберг и оти е вработено во седиштето на компанијата во Штокдорф – соопштија од „Вебасто“.
Компанијата вчера соопшти дека нивни работник од Шангај бил тестиран за присуство на корона вирусот по посетата на Германија и оти бил позитивен.
Компанијата, која има 11 претставништва во Кина, вклучувајќи го и Вухан, кој е жариште на новиот коронавирус, забрани патувањето во земјата.