Свет 25. јануари 2020. / 17:38

Во Европа се водат истраги против 5.000 криминални групи што годишно заработуваат 110 милијарди евра

Во Европа се водат истраги против 5.000 криминални групи што годишно заработуваат 110 милијарди евра

Европскиот комесар за внатрешни работи, Илва Јохансон, обелодени дека европската полиција во моментов истражува повеќе од 5.000 криминални групи коишто годишно заработуваат 110 милијарди евра.

По неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Загреб, Јохансон на прес-конференција изјави дека тие биле во можност да замрзнат само еден процент од приходите и најави усвојување план за заплена на незаконски стекнати пари.

Европските министри разговараа за борбата против организираниот криминал, тероризмот, трговијата со луѓе, заштитата на децата на интернет, како и миграцијата и сузбивање на мрежата за шверц на луѓе.

Неформалната средба во Загреб ја одржаа министрите за правда, при што комесарот за правда на ЕК, Дидие Рејндерс,  најави дека во февруарти ќе се водат разговори за првиот извештај за владеењето на правото во ЕУ, што ќе служи за испраќање препораки и создавање политички притисок врз европските држави кои немаат независно судство.

– Ние би сакале да го видиме првиот годишен извештај за владеење на правото поставен на маса за време на германското претседателство – изјави Рејндерс.

Германија ќе го преземе претседателството со ЕУ од Хрватска на 1 јули годинава.