Во првите девет месеци од годината во Авганистан дневно, во просек, загинувале или се повредувале по девет деца, се наведува во објавениот извештај на Меѓународниот детскси итен фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ). Овие податоци се за 11 отсто повисоки во однос на истиот период од минатата година, пред се, како последица на зголемувањето на самоубиствените бомбашки напади и активностите на теренот.
Според мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (УНАМА), во првите девет месеци од 2019 година во земјата загинале најмалку 631 дете, а 1.830 други се повредени.
– Дури и според мрачните стандарди во Авганистан, оваа 2019 година беше особено смртоносна за децата – изјави извршниот директор на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.
Од 2009 до 2018 година загинале приближно 6.500 деца, а околу 15.000 други биле ранети како резултат на актуелниот конфликт, правејќи од Авганистан најсмртоносна воена зона во светот во 2018 година, се наведува во извештајот.
Освен од насилството децата во Авганистан страдаат и од природни непогоди, сиромаштија и неразвиеност.
Според УНИЦЕФ, 600.000 деца на возраст под пет години се сериозно неухранети. Уште 3,7 милиони деца на училишна возраст се надвор од училиште, а речиси третина од децата се занимаваат со детски труд.