Властите од големите американски градови ги повикаа демонстрантите кои протестираат поради смртта на Џорџ Флојд, да направат тест за Ковид-19, по две недели улични маршеви и стоење во толпи еден покрај друг.
Закана од ширење на корона вирусот е особено зголемена во оние градови каде полицијата употребува солзавец за растерување на демонстрантите, постапка што, според експертите, придонесува кон драстичо ширење на вирусот.
Бидеќи корона вирусот се шири преку честички од плунка во воздухот кои се испуштаат кога луѓето дишат, шмркаат, кашлаат или зборуваат, солзавецот и други иританти како спреј од екстракт на лути пиперки, предизвикува луѓето да се задушуваат, тоа е пропратено со сува кашлица и тие се принудени да ги симнат маските. Сето ова помага во ширење на вирусот.
Исто така, иритантите како солзавец и бибер спреј го иритираат носот, устата и белите дробови, предизвикувајќи воспаление, со што може да се ослаби имунитетот на телото во борбата против инфекцијата од Ковид-19.
Направете тест. Во градот се отвараат 15 нови центри за тестирање. Луѓето не треба да ризикуваат. Јас би направил тест како да сум бил во контакт со вирусот. Би им рекол на сите околу мене, сметајте дека мојот тест е позитивен – порача гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо.
Слични повици до демонстрантите да изготват анализи дојдоа и од првите луѓе на сојузните држави и градови од Атланта, Сан-Франциско и Сиетл.
По карантин од речиси три месеци, во Њујорк денеска почна првата фаза од отварањето на бизнисите, со што се очекува на работа да се вратат околу 400 илјади луѓе.
Во меѓувреме, властите во Флорида се жалат дека е возможно во државата да се случува втор бран, откако вчера објавија дека биле регистрирани 1.180 нови случаи. Отаму укажаа дека бројот на нови случаи е над илјада инфекции петти ден по ред.
Познавачите велат дека со отварањето на Флорида, луѓето престанале да ги почитуваат правилата за физичко растојание, а се укажува и дека новиот бран на инфекции се појавил по започнатите протести против полициската бруталност и смртта на Џорџ Флојд.
САД се лидери по бројот на случаи од Ковид-19. Земјата води по бројот на заболувања (околу два милиони) и по бројот на смртни случаи (112.477) пред другите земји во светот.