Свет 26. јануари 2019. / 21:10

Владата на Венецуела ги одби барањата за нови избори

Владата на Венецуела ги одби барањата за нови избори

Владата на Венецуела денеска ги отфрли барањата на европските земји за наскоро да бидат распишани нови претседателски избори.

Лидерот на владејачката партија во земјата, Диосдадо Кабељо, денеска изјави дека челници како што е шпанскиот премиер Педро Санчез треба двапати да размислат пред на Венецуела да и држат предавања за демократија, пренесе агенцијата АП.

Кој го избра него (Санчез)?, запраша Кабељо.

Санчез стана премиер како резултат на парламентарен договор постигнат зад затворени врати, откако неговиот претходник поднесе оставка поради обвиненија за корупција, потсетува американската агенција.

-Никој не може да дојде и да ни наредува, рече Кабељо вечерва на митинг пред приврзаниците во државата Кохедес.

Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, денеска порача дека за нов претседател ќе биде признаен лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, доколку владата во наредните денови не распише нови избори.

Претходно Франција, Германија, Велика Британија и Шпанија до владата на претседателот Николас Мадуро поставија осумдневен рок за свикување на избори и исто така условија дека во спротивно ќе го признаат Гуаидо за преоден претседател на земјата.

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, денеска на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации ги повика државите да одберат страна за прашањето во Венецуела.

-Сега е време секој народ да избере страна. Веќе нема одложувања, нема повеќе игри. Или ќе застанете на страната на слободата или сте во спрега со Мадуро и неговиот хаос, изјави Помпео, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.