Свет 08. јули 2018. / 17:23

Виена: Хрватите со нереди ја прославија победата над Русија

Виена: Хрватите со нереди ја прославија победата над Русија

Навивачите на хрватската репрезентација во Виена го прославија синоќа влезот во полифиналето на Светското првенство, на улиците во Виена. По прославата дојде до повеќе инциденти во кои се потешко повредени две жени, пренесе „Б92“.

„На улицата Отакрингерштасе, каде во повеќе угостителски објекти сопствениците потекнуваат од просторите на поранешната Југославија, се гледаше преносот од натпреварот. Полицијата и за време на мечот забележа повеќе кршења на законите за пиротехнички средства. По завршувањето на средбата повторно беа палени пиротехнички средства“, се наведува во соопштението на полицијата и се додава дека повеќе стотина луѓе го блокирале сообраќајот на улиците.

Полицијата, којашто ја обезбедувала улицата, забележала и две жени кои се здобиле со повреди поради пиротехничките средства. Според првичните дијагнози на итната помош, на едната од жените и се заканува да го загуби слухот на едното уво, а на другата видот на едното око.

Навивачите фрлале пиротехника, шишиња и други предмети и кон полицијата.

Вкупно четворица полицајци се здобиле со повреди, од кои еден завршил во болница.

Иако полицијата во повеќе наврати предупредила и барала од навивачите да се тргнат од улиците, толпата ги игнорирала, по што полицијата спровела акција за разбивање на групата. Направен бил кордон, а за време на акцијата биле приведени три лица поради отпор против чуварите на редот.

Вкупно се поднесени 11 пријави поради кршење на законот за пиротехнички средства, 54 пријави поради кршење на законот за сообраќај, 4 пријави за нанесување на тешки телесни повреди на полицајци, две пријави за нанесување на повреди со тешки последици, три за пружање отпор кон полицијата, како и четири административни казни.