Граничната полиција во Аризона открила тунел за шверц на дрога, кој минувал под границата со Мексико.
Тунелот бил ископан во кујната на поранешнен објект на KFC (Kentucky fried chicken) во Аризона. Тој водел од Сан Луис на југот од Аризона, преку границата, до Сан Луис Рио. Висок бил околу метар и половина, широк речиси еден метар, а долг 183 метри.
Полицијата го открила тунелот откако за време на сообраќајна контрола го уапсила Иван Лопез, сопствник на објектот на стариот ресторан, и кај него пронашла 18 килограми метамфетамин, шест грама кокаин, три килограми фентанил, 13 килограми бел хероин и шест килограми кафеав хероин. Тој сето тоа го превезувал со својот камион.
Уличната вредност на запленетата дрога се проценува на милион долари. Само количината на фентанил била доволна за три милиони дози.
Лопез тргнал кон поранешниот ресторан за брза храна, каде што кратко се задржал, но бил виден како пренесува кутии за алат на имотот. Во нив била скриена дрогата.
Полицијата соопшти дека изградбата на таков тунел е многу скапа и дека во неа учествувале луѓе од двете страни на границата. Тие го откриле тунелот два дена откако го уапсиле Лопез. Другиот крај на тунелот завршувал под кревет во просторија на мексиканска територија, но за тоа не се соопштени детали.