Претседателот на САД во заминување, Доналд Трамп, денеска се обрати пред јавноста во проштален говор.
Трамп потенцираше дека се „фатил во костец со тешки битки и борби и најтешки избори, бидејќи затоа ме избравте“ рече тој за време на говорот.
-Како резултат на нашата храбра дипломатија и принципиелен реализам, успеавме да постигнеме серија историски мировни договори на Средниот исток, рече Трамп, додавајќи дека тоа претставува ново утро за Средниот исток и дека американската војска се враќа дома..
Посебно е горд, рече Трамп, што е првиот претседател во неколку децении кој не поттикнал ниту една војна.
Во извадоци објавени од Белата куќа и пренесени од Гардијан, претседателот во заминување вели дека се моли за Џо Бајден, иако Трамп во повеќе наврати тврдеше дека Бајден победи на изборите благодарение на изборната кражба.
-Новата администрација ќе започне со работа оваа недела и се молиме да успеат да ја направат Америка безбедна и просперитетна, се вели во соопштението.
Претседателот се осврна и на насилниот упад во Капитол, но повторно одби да прифати одговорност дека поттикнувал немири.
– Сите Американци беа згрозени од нападот врз нашиот Капитол. Политичкото насилство е напад врз сè што негуваме како Американци. Тоа никогаш не може да се толерира, се додава во соопштението.
На начин типичен за Трамп, тој ја навести и на неговата политичка иднина.
-Сега, додека се подготвувам во среда на пладне да ја предадам власта на новата администрација, додава Трамп, а се наведува во соопштението на Белата куќа, напоменува дека „борбата допрва почнува“.
Доколку Сенатот гласа за отповикување на Трамп во процесот кој му престои, постои можност да му биде забрането повторно да се кандидира.