Претседателот на САД Доналд Трамп се сретна со кралицата на Обединетото Кралство Елизабета Втора.
Кралицата ги пречека Трамп и неговата сопруга Меланија на големиот тревник на Бакингемската палата.
Тие извршија смотра на почесната гарда составена од гренадири со традиционални капи од мечкина кожа, пренесе АП.
Од блискиот зелен парк и од Лондонската тврдина испалени се плотуни од кралската артилерија, што е една од најголемите почести што Британија може да им ги укаже на странските лидери.
Трамп и првата дама слетаа во дворот со хеликоптер, а принцот Чарлс и неговата сопруга Камила ги поздравија на излезот.
Планирано е Трамп и Меланија посетата да ја започнат со ручек со кралицата Елизабета во Бакингемската палата.
Подоцна ќе испијат традиционален англиски чај со принцот Чарлс, а за вечерта е планиран свечен државен банкет.
Трамп утре ќе се сретне со премиерката Тереза Меј.