Американскиот претседател Доналд Трамп денеска од говорницата на Генералното собрание на ОН порача дека иднината не припаѓа на глобалистите туку на патриотите.
– Иднината припаѓа на независните нации кои ги бранат нивните граѓани, на нациите кои ги почитуваат нивните соседи и ги почитуваат разликите што ја прават секоја земја посебна. – изјави Трамп.
Говореше за економската надмоќ на САД и слободната меѓународна трговија од која, според него, САД трпат големи штети. Ги обвини Кинезите за технолошка шпионажа и ја поддржа борбата на Хонг Конг за независност.
– Американските трговски партнери не мислат добро на САД. Со (британскиот) премиер Борис Џонсон работиме на нов трговски договор… апсолутно сме посветени на тоа да го обновиме трговскиот баланс со Кина. – изјави Трамп, додавајќи дека Пекинг мора да ги прифати барањата на демонстрантите во Хонг Конг.
Тој зборуваше и за Иран, тема која засега многу светски метрополи, повикувајќи на уште санкции за Техеран и забрана за земјата да развива нуклеарно оружје.
– Сите земји се одговорни да реагираат на заканата од Иран. САД нема да го толерираат анти-семитизмот на оваа земја. – рече тој.
Трамп се осврна и на предизвиците со Северна Кореја, повикуваќи ја земјата дека мора да се денуклеаризира „за да може да ги искористи своите скриени потенцијали“. Американскиот претседател порача дека САД не сакаат „бескрајни војни“. За мигрантската криза, ги повика имигрантите и бегалците „да не доаѓаат на нашата граница бидејќи ќе бидат вратени назад“.
– Ги спроведуваме законите и ги штитиме нашите граници. – изјави Трамп.
Во делот посветен на Венецуела, Трамп се осврна и на заканата од „режимот на Мадуро – кукла на социјалистичка Куба“, и „социјализмот никогаш нема да дојде во САД“, но и за заштита на сексуалните малцинства и религиските слободи.