Свет 24. август 2020. / 09:51

(ВИДЕО) Протести во Висконсин откако полицијата застрела невооружен Афроамериканец

(ВИДЕО) Протести во Висконсин откако полицијата застрела невооружен Афроамериканец

Во градот Кеноша во американската сојузна држава Висконсин, полицијата реагирајќи на дојава за семејно насилство, пукала во еден Афроамериканец, кој е ранет и со сериозни повреди по живот е префрлен во болница.

Жртвата е идентификувана како Џејкоб Блејк, црнец од Киноша, кој во сериозна здравствена состојба е хоспитализиран со повеќе рани од огнено оружје.

Гувернерот на Висконсин, Тони Еверс, ја осуди прекумерната употреба на сила од страна на полицијата и побара таа во иднина да постапува со помалку агресија кон црнците во Висконсин, пренесуваат британските медиуми.

Засега не е позната причината заради која полицијата го застрела Блејк, но целиот случај го истражува Секретаријатот за правда во Висконсин.

На видео снимка што кружи на социјалните медиуми се гледа како Блејк се приближува кон возило и како полицајците пукаат во него додека ја отвора вратата од автомобилот.

Ранетиот маж во болница го превезле полицајците. Инцидентот се случил во неделата околу 17 часот по локално време, а набрзо на местото на настанот се собрале околу 60 граѓани кои почнале да протестираат.

Полицијата засега не објасни поради што полицајците употребиле огнено оружје, а инцидентот ќе го истражи министерството за правосудство на сојузната држава Висконсин.

САД летово се соочија со бројни протести поради полициска бруталност и расизам по трагичната смрт на 46-годишниот Афроамериканец Џорџ Флојд, кој умре после бруталното постапување на полицијата.