Свет 13. август 2020. / 10:18

(ВИДЕО) Продолжуваат протестите во Белорусија

(ВИДЕО) Продолжуваат протестите во Белорусија

Судирите помеѓу полицијата и демонстрантите во Белорусија избија и синоќа во одредени делови на Минск.

Во одредени делови од главниот град на Белорусија можеа да се слушнат експлозии и топовски удари, а полицијата употреби и гумени куршуми. Полицијата масовно започнала да апси демонстранти, а наводно полицајците упаѓале и во станови во кои демонстрантите се обидувале да се сокријат.

Од Министерството за внатрешни работи на Белорусија соопштија дека единиците за разбивање на демонстрации во Минск уапсиле две лица кои подготвувале Молотови коктели.

Од белоруското Здружение на новинари соопштија дека полицијата на протестите уапсила и двајца полски новинари.

Протестите избија во неделата навечер откако актуелниот претседател Александар Лукашенко прогласи победа на изборите. Во текот на трите ноќи протести во Белорусија уапсени се најмалку 6 илјади, а стотина се повредени. Едно лице загина откако се обидело да фрли неидентификувана експлозивна направа кон полицајците, а направата му експлодирала во раце.

Белоруската полиција меѓу другото соопшти дека вчера биле уапсени и наводните координатори на протестите.