Свет 10. септември 2018. / 12:00

(Видео) Повеќе од 800 лица притворени во Русија, полицијата со палки на демонстрантите

(Видео) Повеќе од 800 лица притворени во Русија, полицијата со палки на демонстрантите

Руската полиција притвори повеќе од 800 лица кои протестираа против планираното зголемување на возраста за пензионирање и ги прекина протестите против оваа мерка поради која опадна поддршката за претседателот Владимир Путин, изјавија групите за човекови права.

Протестите организирани од затворениот опозициски лидер Алексеј Навални и неговите приврзаници, се предизвик за властите кои се надеваа на поголем излез на регионалните избори кои исто така се одржаа во неделата, и наспроти огорченоста поради планираната мерка.

На снимките од протестите, кои се одржаа во повеќе од 80 градови, се гледа како полицијата повремено користи сила за да ги растера демонстрантите, ги тепа учесниците со палки и ги одвлекува од местото на протестот.

Властите одбиле да ги одобрат собирите и ги прогласиле за незаконски.

Организацијата за човекови права ОВД-Инфо која ги следи притворањата, соопшти дека полицијата во неделата во 33 градови привела 839 лица, вклучувајќи и некои од најблиските соработници на Навални.

Повеќето од притворените, 354 од нив, се во Санкт Петербург, каде што властите прво го одобриле собирот, но потоа се предомислиле.

Новинската агенција Интерфакс го цитираше министерот за внатрешни работи кој кажа дека во Санкт Петербург се приведени околу 100 лица, а во Москва „неколкумина“.

Препорачаната промена на возраста за пензионирање, која во моментов поминува во парламентот ја намали поддршката кон Путин за околу 15 процентни бодови и е најнепопуларна мерка од 2005 година.

Навални, на кому му е забрането да се појавува на државната телевизија и кој претходно оваа година не смееше да се кандидира на претседателските избори, се надева дека ќе го искористи бесот на јавноста поради пензиските реформи.

Тој планирал да го води протестот во неделата во Москва, но судот минатиот месец го осуди за кршење на законот за протести и го казни со затвор од 30 дена.

Навални вели дека тоа е направено со цел да се поткопаат протестите.