Свет 10. декември 2020. / 14:59

(ВИДЕО) Меркел ги моли граѓаните да ги почитуваат мерките

(ВИДЕО) Меркел ги моли граѓаните да ги почитуваат мерките

Германската канцеларка, Ангела Меркел, апелираше денеска до граѓаните на Германија да ги намалат контактите за време на Божиќните празници, истакнувајќи дека научниците практично ги молат граѓаните да ги почитуваат мерките.

Отсекогаш смирената и ладнокрвна Меркел, овојпат во еден невообичаено емотивен настап, речиси на работ на солзи, ги замоли Германците да ги почитуваат пропишаните мерки за сузбивање на ширењето на вирусот.

-Намалувањето на контактите не е доволно. Жал ми е, навистина од срце ми е жал, но ако цената која ја плаќаме се 590 смртни случаи дневно, тогаш тоа според мене е неприфатливо, изјави видно вознемирената канцеларка на Германија.

За време на обраќањето пред пратениците во Бундестагот, Ангела Меркел истакна дека ограничувањата воведени на почетокот на ноември не се покажале како ефикасни, со оглед на големиот број на смртни случаи поврзани со коронавирусот и приемот на одделенијата за интензивна нега.

-Ако имаме премногу контакти за време на Божиќ и на крајот тоа биде последниот Божиќ со нашите дедовци и баби, тогаш ќе направиме нешто погрешно. Не смееме да дозволиме ова да се случи, изјави Меркел.

Во меѓувреме, во Германија е регистриран рекорден број на смртни случаи како последица на коронавирусот. Според податоците на Институтот „Роберт Кох“, во изминатото деноноќиен починаа 590 лица.