Свет 11. јануари 2021. / 17:57

(ВИДЕО) Медицински работници пешачеле дваесеттина километри за да стигнат на работа во Мадрид

(ВИДЕО) Медицински работници пешачеле дваесеттина километри за да стигнат на работа во Мадрид

Шпанската влада денеска испрати колони со вакцини ковид-19 и храна во областите отсечени од невремето „Филомена“, што донесе најсилни врнежи од снег во последните неколку децении во централна Шпанија и во кое загинаа четири лица.

Спасувачките екипи стигнаа до 1.500 лица заробени во автомобилите во областа Мадрид, а властите ги повикуваат граѓаните да останат дома поради опасност од несреќи и ширење на коронавирус.

Синоптичарите предупредуваат на опасни услови во наредните денови со температури што се очекува да се спуштат на минус 10 Целзиусови степени и со веројатност снегот да се претвори во мраз и да паднат оштетените дрвја.

Некои здравствени работници во Мадрид пешачеле со часови за да стигнат на работа и да ги заменат своите истоштени колеги кои одработиле двојни смени.

Патиштата се блокирани и многу меѓуградски возови повеќе не сообраќаат, па негувателот Раул Алкојор пешачел 14 километри за да стигне до болницата на работа.

Не би било морално да останам дома, рече тој, мислејќи на колегите кои работеле повеќе од 24 часа. Му требало два часа и 28 минути да стигне до болницата поради длабокиот снег и паднатите дрвја.

Тој не бил единствениот кој се осмелил да тргне на такво патување. Една медицинска сестра рекла дека одела 20 километри до болницата, а на социјалните мрежи се појави видео од двајца медицински работници кои минуваат 22 километри за да стигнат до болницата во Мадрид, пишува „Гардијан“.

 

Главниот меѓународен аеродром во Мадрид е затворен, а операторот соопшти дека ќе се отвори не порано од недела попладне, кога постепено ќе продолжат летовите.

Невремето зафатило околу 20.000 километри патишта во централна Шпанија, а владата ќе испрати колони со вакцини и залихи на храна на оние кои имаат потреба, изјави во саботата министерот за транспорт Хозе Луис Абалос.

36-годишна жена во саботата родила дете во амбуланта во Мадрид, откако здравствените работници не успеале да ја пренесат во болница.

Маж и жена се удавиле во автомобил откако се излеала река во близина на Малага на југот на земјата, додека двајца бездомници замрзнале во Мадрид и Калатајуд на исток, соопштија властите.

Државната агенција за метеорологија (Амет) објави дека во саботата паднале 20-30 см снег во Мадрид, најмногу од 1971 година.