Техеран го обелодени своето најново оружје, а сподели и ретки снимки од таинствен подземен комплекс каде што се градат иранските проектили. Иран вети дека ќе продолжи со својата ракетна програма, и покрај приговорите од Западот.
Објектот беше опишан од иранските медиуми како „подземен град“ – а неговата големина се чини доста импресивна. Снимките од местото покажуваат огромни ходници, полни со разни ракетни делови, вклучувајќи и боеви глави, сите во различни фази на склопеност.
?اولین تصاویر از کارخانه زیر زمینی تولید موشک بالستیک نیروی هوافضای #سپاه pic.twitter.com/u5H5tQg0Oq
— خبرگزاری فارس (@FarsNews_Agency) February 7, 2019
За новата ракета, наречена Дезфул, се вели дека е надградена верзија на балистичката ракета Золфагар. Има подолг опсег од 1.000 километри – во споредба со 700 – и има „двојно“ поголема деструктивна моќ. Иранските медиуми, исто така, објавија снимки од тестовите на новиот ракетен систем, за кои се вели дека биле успешни.
-Покажувањето на овој објект за производство на проектили длабоко под земја е одговор на западњаците… кои мислат дека со санкции и закани можат да нѐ спречат да ги достигнеме нашите цели, рече командантот на Иранската револуционерна гарда Мохамед Али Џафари за време на презентацијата.
Во понеделникот Советот на ЕУ соопшти дека е „сериозно“ загрижен поради „балистичката ракетна активност“ на Техеран, повикувајќи ја земјата „да се воздржи“ од тоа.
Соопштението на ЕУ дојде кратко време откако Техеран ја претстави новата домашна ракета, за која рече дека има опсег од преку 1.350 километри. Додека ракетната програма на Иран постојано е критикувана од Западот, Техеран тврди дека има само дефанзивна намена и дека не доаѓа предвид таа да се прекине.