Нов хаос се создаде во Франција.
Демонстрантите од движењето ,,Жолти елеци” запалија повеќе од 40 наплатни станици по автопатиштата низ Франција.
Ноќеска се запалени наплатни станици на југот на државата, поради што е затворен автопатот А50. Наплатна рампа источно од Марсеј на југ во Франција е оштетена во пожар. Направена е штета во износ од неколку десетици милиони евра.
До средината на минатата недела оштетени беа најмалку 1.600 радари, околу половината од сите во државата. Од радарите приходите во државата беа околу 84 милиони евра месечно.
Француската влада неделава работи на усвојување на мерките што претседателот Емануел Макрон ги вети за решавање на кризата со „жолтите елеци“, со кои верува дека ќе стави крај на незадоволството на граѓаните.
Како што јави агенцијата „Франс прес“, Макрон, кој е соочен со најголемата криза од доаѓањето на власт во 2017 година, го одложи планираното патување во јужниот дел од земјата за да работи на организирање национална дебата, каде што граѓаните би можеле да влијаат на политичките одлуки.
Макрон утре ќе се состане со министрите и економистите со цел организирањето на дебатата, чии детали ќе бидат соопштени неделава, пренесоа медиумите.
Извори блиски до Макрон наведоа дека претседателот очекува поддршка за дебатата и од страна на градоначалниците и локалните власти, а главна тема ќе бидат данокот, еколошката транзиција и миграцијата.
Најавените мерки не успеаја целосно да го убедат движењето „Жолти елеци“, кое наведе дека ќе направи список со барања во пресрет на престојните избори за Европскиот парламент в година.
Властите информираа дека економијата од почетокот на движењето претрпела штета од две милијарди евра.