Најмалку 170 лица се повредени, меѓу нив 40-на полицајци, во судирите помеѓу учесниците на протестот и припадниците на полициската единица за разбивање демонстранти кај меѓународниот аеродром во Барселона и на други места во Каталонија, на североистокот на Шпанија.
Каталонските власти денеска соопштија дека три лица се уапсени.
Нередите избија доцна синоќа, а протестите отпочнаа бидејќи Врховниот суд во Мадрид осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти на затворска казна од девет до 13 години, заради нивната улога во неуспешното прогласување на независноста на Каталонија во 2017 година.
Тројцата преостанати обвинети прогласени се за виновни само заради непослушност и не добија затворски казни.
Поранешниот потпретседател на каталонската влада Ориол Жункерас осуден е на 13 години затвор заради побуна и злоупотреба на јавните фондови. Демонстрантите излегоа на улица после повикот кој беше испратен преку друштвените мрежи „Демократски цунами“, пренесува Асошиејтед прес, додавајќи дека министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка рече дека таа група е под истрага.
Операторот на шпанскиот аеродром, АЕАНА, соопшти дека повеќе од 1000 летови денеска нема да бидат примени заради протестот, откако синоќа беа откажани 110 летови.