Свет 02. септември 2019. / 14:57

(ВИДЕО) Бахами погодени од најсилниот ураган во последните 70 години

(ВИДЕО) Бахами погодени од најсилниот ураган во последните 70 години

Илјадници лица останаа без кров над главата, а цели населби се под вода по најсилната бура која ги погоди Бахамските острови во изминатите 70 години.

Ураганот Доријан кој е карактеризиран како ураган од петта категорија, остави пустош зад себе со високите бранови, обилните дождови и ветровите кои достигнаа брзина и од над 300 километри на час.

Силната бура веќе ја зема и првата жртва, седумгодишно момче кое се удавило во обидот за евакуација со неговите родители, додека неговата сестра се води за исчезната. Проблем за тамошните власти е и тоа што голем дел од луѓето кои живеат на островите не ја послушале владината наредба за евакуација.

Ова е најверојатно најтажниот и најлош ден во мојот живот, за да се обратам на народот од Бахамите. И сакам да кажам дека како лекар сум обучен да издржам многу работи, но никогаш вакво нешто. Многумина не ги послушаа моите предупредувања, многумина останаа и се уште има лицa кои се во западните краеви кои одбиваат да се евакуираат. Можам само да кажам дека се надевам дека ова нема да е последен пат да го слушнат мојот глас, вели Хуберт Минис- Премиер на Бахамите.

Ураганот веќе се движи кон САД, каде повеќе сојузни држави наредија евакуации на области до крајбрежјето. Предупредување пристигна и од претседателот Трамп, кој иако неколку пати до сега се соочил со слична бура, кажа дека прв пат слуша за Ураган од петта категорија.

Ќе се потрудиме да ги минимизираме ефектите од тоа што доаѓа кон нас, воопшто не знаеме што доаѓа кон нас. Се што знаеме е дека е можно да е најголемо. Јас не сум сигурен дека воопштo некогаш сум слушнал за категорија 5. Знаев дека постои. И видов некои категории 4. Не ги гледаш ни нив многу, но категорија 5 е нешто што не знам ни дали сум го слушнал терминот, рече претседателот на САД Доналд Трамп.

Предвидената евакуација во САД опфаќа повеќе од 800.000 жители на неколку сојузни држави, а за многумина ова ќе биде четврта по ред евакуација во изминатите неколку годни.