Свет 11. ноември 2019. / 09:48

Венецуела, Мексико и Перу со осуда на пучот против претседателот на Боливија

Венецуела, Мексико и Перу со осуда на пучот против претседателот на Боливија

Претседателот на Венцуела Николас Мадуро и шефот на мексиканската дипломатија Марсело Ебрард го осудија пучот против боливискиот претседател Ево Моралес.

Мадуро го осуди пучот против својот сојузник Моралес, откако војската побара, а тој се согласи, да се повлече од функцијата за доброто на земјата.

– Категорички го осудуваме пучот против нашиот братски претседател – напиша Мадуро на Твитер.


Истовремено, ги повика сојузниците ширум светот да се мобилизираат, за да се заштити животот на првиот боливиски претседател од редовите на автохтоните народи.

И мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард изјави дека неговата земја не ја прифаќа воената операција што се случи во Боливија.

– Не го прифаќаме тоа, тоа е слично на трагедиите кои ја закрвавија нашата Јужна Америка во минатиот век. Мексико ќе остане при својот став да се почитуваат демократијата и институциите – напиша Еврард на Твитер.


На веста за оставката на Моралес реагираше и Перу, која повика на „обнова на мирната состојба во Боливија“.

Во краткото соопштение Владата во Перу повика на транспарентни избори со помош на Организацијата на американски држави.