Свет 19. ноември 2020. / 11:07

Велика Британија го зголемува воениот буџет како никогаш до сега

Велика Британија го зголемува воениот буџет како никогаш до сега

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, ја најави најголемата инвестиција во армијата во последните 30 години – планирани се по плус 4 милијарди фунти годишно во наредните четири години.

Предвидените пари ќе бидат наменети за финансирање на проектите за вселенска и сајбер одбрана и според некои проценки, овие сектори се очекува да создадат над 40,000 нови работни места.

Џонсон изјави дека овој потег би и помогнал на Велика Британија да го „зајакне нејзиното глобално влијание“.

Буџетот на Министерството за одбрана на годишно ниво до сега изнесуваше околу 40 милијарди фунти, така што додатните 16,5 милијарди во наредните четири години би претставувале зголемување на одбранбениот буџет за околу 10 отсто.

Ова зголемување на трошоците за одбрана и безбедност, е една од главните заложби на Конзервативната партија и е дел од нејзините ветувања од манифестот напишан во 2019-та година.

Премиерот Џонсон изјави дека оваа одлука е донесена во време на кризата предизвикана од коронавирусот, со објаснување дека „одбраната на кралството мора да биде на прво место“.

– Меѓународната состојба е поопасна, поинтензивна и покомпетитивна од било кога по периодот на студената војна. Ова е нашата шанса да ставиме крај на ерата на повлеченост, одново да ги изградиме нашите воени сили, да го зајакнеме нашето влијание низ светот, да се обединиме и да ја издигнеме на повисоко ниво нашата земја, да бидеме меѓу првите во новите технолошки откритија и да ги заштитиме нашите луѓе и нашиот начин на живот, заклучи лидерот на Конзервативците.