Изјавите на папата Франциско за истополовите бракови во документарниот филм се извадени од контекст и Црквата нема да ја смени својата доктрина во врска со истополовите бракови, соопшти ватиканската централната канцеларија.
Документарниот филм „Франческо“ премиерно е прикажан на 21 октомври на Римскиот филмски фестивал, а заврши на насловните страници затоа што Папата во него вели дека хомосексуалците имаат право да основаат семејства и дека е потребно да се регулираат истополовите бракови.
Изјавата на папата наиде на одобрување од либералите и повици за појаснување од конзервативците.
Државниот секретаријат на Ватикан минатата недела тивко им испрати објаснување на своите амбасадори, кои потоа го препратиле на бискупите. Во него се наведува дека две изјави на Франциско, одговори на две различни прашања, се монтирани во една изјава, извадени од контекст и со исечени прашања.
„Хомосексуалците имаат право да бидат семејство. Тие се Божји деца и имаат право на семејство. Никој не смее да биде отфрлен или да биде мизерен поради тоа“, вели папата Франциско во филмот. „Она што треба да го направиме е вонбрачна заедница. Тоа е начин законски да ги покриеме. Јас сум за тоа“, додава тој.
Во писмото се вели дека во филмот е исечен делот во кој папата се противи на хомосексуален брак, и дека за вонбрачна заедница зборувал во контекст на граѓанските закони за животно партнерство.
„Јасно е дека папата Франциско зборува за законите на државата, а не за доктрината на Црквата, која ја повторува повеќе пати во текот на годините“, се вели во писмото до амбасадорите.
Црквата верува дека истополовите тенденции не се грев, но дека хомосексуалните акти се.
Но, не е јасно зошто Ватикан порано не ги коментираше контроверзиите, а покрај тоа, Ватикан еден ден по премиерата бил домаќин на режисерот на документарецот, Русин со американско државјанство Евгениј Афиневски, иако погрешно ги пренел зборовите на папата.
Реагирајќи на писмото на Државниот секретаријат до амбасадорите на Ватикан, поглаварот на епархијата во Есен, Германија, Клаус Фафер вели дека Ватикан покажал „катастрофален начин на комуникација“.
Фафер потсетува дека Папата зборува во филм одобрен од Ватикан и кој предизвика реакција во јавноста, а потоа Ватикан се чувствува должен да ги интерпретира изјавите на Папата, со други зборови, „да го ослаби“.
„Фрла лошо светло на Ватикан и му штети на папата“, рече Фафер.