Американскиот министер за одбрана Марк Еспер в понеделник ќе му претстави на претседателот Доналд Трамп серија опции за повлекување на дел од американските сили стационирани во Германија. Целта на повлекувањето е тие да бидат преместени во други источноевропски земји.
Според двајца високи официјални претставници на Пентагон, планот предвидува американската војска во Германија да се намали на 25.000 војници, што претставува намалување за 9.500 припадници на армијата.
Некои ќе бидат вратени во САД, додека другите ќе бидат испратени во земји од поранешниот советски блок со намера да испратат јасна порака до Русија.
Официјално не е соопштено во кои земји ќе бидат испратени американските сили, иако самиот Трамп во средата најави дека Полска ќе биде едно од местата во Европа каде што ќе бидат прераспоредени американските војници.