Свет 05. септември 2018. / 22:55

Украина платила 606,8 милиони долари за да го отплати заемот на ММФ

Украина платила 606,8 милиони долари за да го отплати заемот на ММФ

Украина платила во август 606,8 милиони долари за отплата на кредитот од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), објави Народната банка на Украина, цитирана од ТАСС.

„Во почетокот на август беа платени 360 милиони долари на ММФ за отплата на главницата и 86,8 милиони долари за отплата на каматата на кредитот. На 31 август беа платени околу 160 милиони долари“, ги цитира податоците на Народната банка весникот „Украинские новости“. Следното плаќање е закажано за почетокот на ноември.

Отплатата на кредитот се врши во рамките на програмата „стенд бај“ (stand by), која беше одобрена на крајот на април 2014 година. Кредитната програма за Украина беше за две години во износ од 17 милијарди долари. Киев ја доби првата транша од програмата во вредност 3,2 милијарди долари во мај 2014 година, а во август истата година втората сума од 1,7 милијарди долари.

Подоцна ММФ ја измени „стенд бај“ програмата на „екстендед фанд фасилити“ (Extended Fund Facility) (програма на поширокото финансирање за Украина од 2015 година – н.з.) во врска со потребата на подолго време за регулирање на платниот биланс на земјата. Во март 2017 година ММФ одобри четиригодишна програма за напредно финансирање на Украина во вкупна вредност од 17,5 милијарди долари.

Владата веќе добила по оваа програма 4 рати за 8,7 милијарди долари. Последната рата е на 1 април 2017 година за 1 милијарда долари.

На 11 јуни министерот за финансии на Украина, Оксана Маракарова соопшти дека земјата може да ја добие следната транша во есента оваа година. Киев се надева на 2 милијарди долари. ММФ инсистира на зголемување на цената на гасот поради растот на цените на меѓународните пазари. Според различни проценки ова зголемување може да е од 30 до 60 проценти.