Свет 01. август 2018. / 10:47

Украдени се кралски скапоцености во Шведска, разбојниците побегнале со глисер

Украдени се кралски скапоцености во Шведска, разбојниците побегнале со глисер

Во Шведска во тек е потера по крадци кои во понеделникот среде бел ден успеале да украдат скапоцен кралски накит, по што побегнале со глисер.

Двајцата разбојници скокнале во глисер во близина на катедралата Странгнас во југоисточниот дел на Шведска и побегнале со накит од 17. век. Укредени биле две круни од кралот Карл IX и кралицата Кристина и еден царски жезол, опковани со злато и скапоцени камења, чија вредност е непроценлива.

„Мојата пријателка забележа двајца луѓе во трк. Јас го здогледав глисерот, мал бел брод. Двајцата брзо скокнаа во него. Веднаш знаев дека се крадци, поради нивното однесување и фактот дека глисерот ги чекаше токму нив“, изјавил за медиумите очевидецот Том Росвел, кој ја повикал полицијата веднаш по инцидентот.

Полицијата започнала потрага по копно, море и воздух. Бродови, авиони, хеликоптери и автомобили тргнале во сите правци, но без резултат. Властите велат дека сé уште не знаат каде побегнале крадците.

„Во моментов е 1:0 е за нив“, рече портпаролот на полицијата, Томас Агневик, кој додаде дека интензивната потрага продолжува понатаму.