Свет 10. декември 2020. / 10:06

Убиени 42 новинари во текот на 2020-та година

Убиени 42 новинари во текот на 2020-та година

Вкупно 42 новинари и медиумски работници биле убиени годинава, објави Меѓународната федерација на новинари по повод Меѓународниот ден на човековите права – 10 декември.

Во документот насловен „Бела книга за новинарството во светот“ се наведува дека најмалку 235 новинари и медиумски работници во моментов се во затвор.

Според податоците објавени на веб-страницата на Меѓународната федерација на новинари , во последните три децении убиени се 2.658 новинари ширум светот.

Најмногу новинари годинава се убиени во Мексико – 13, со што земјата четврти пат е на врвот на списокот. На второ место е Пакистан, со пет убиства, додека во Авганистан, Индија, Ирак и Нигерија годинава се убиени по тројца новинари.