Свет 14. ноември 2019. / 14:31

Туск пред заминување се пресмета со Макрон

Туск пред заминување се пресмета со Макрон

На две недели пред заминувањето од функцијата, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во остар говор на Универзитетот во Бриж отворено кажа што мисли за состојбите во ЕУ и за политиките на Емануел Макрон.

Доналд Туск го предводеше Европскиот совет полни пет години, од 2014 до крајот на овој месец. Секогаш важеше за отворен политичар без „влакна на јазикот“. Како што и самиот вели во говорот, доколку кажел некои од работите кои ги изнесе во својот говор пред студентите на Универзитетот во Бриж, веројатно ќе бил отпуштен. Во продолжение го пренесуваме поголемиот дел од неговиот проштален говор одржан синоќа, среда 13.11.2019:

Можеби звучи банално, но, кога ме прашаа за што ми беше мандатот, одговарам без двоумење: „Единство“ – лајтмотив, задача, речиси моја опсесија, уште од самиот почеток. На денот на моето заминување за Брисел, на аеродромот во Варшава, случајно се сретнав со Лех Валенса. Кога Валенса слушна дека бев на пат да го преземам Европскиот совет од Херман ван Ромпуј, тој реагираше импулсивно: „Само се надевам дека Унијата не се распаѓа со вас таму, веќе изгледа доволно лошо!“

Затоа не е изненадување што за време на церемонијата на примопредавање на 1 декември 2014 година, во мојот многу краток, двеминутен говор, го спомнав зборот „единство“ трипати. Мојата порака беше следнава: „Она што ѝ треба на Европа е да ги штити нашите основни вредности: солидарност, слобода, единство против заканите за ЕУ ​​и нејзиното единство, кои доаѓаат и од внатре и од надвор. Политиката се врати во Европа, историјата се врати и во вакви времиња се потребни лидерство и политичко единство “. Ви реков дека сум опседнат со единство.

Русија е наш „стратешки проблем“

-Моите вежби во единство започнаа практично на првиот ден. Прво, се работеше за агресивната политика на Кремљ. Бев (и сè уште сум) убеден дека, во оваа игра, она што е во прашање, не е само иднината на независна Украина и безбедноста на Централна Европа, вклучително и онаа на мојата земја, туку суверенитетот на Европа како политички субјект. И не се сомневав дека стратешката цел на Путин не беше само да ја врати контролата врз териториите на поранешниот Советски Сојуз, туку и систематски да ја ослабне ЕУ со провоцирање внатрешни поделби. Морав јавно да ги потсетувам другите, речиси секоја недела, дека Русија не е наш „стратешки партнер“, туку наш „стратешки проблем“. Јас дури и бев етикетиран како „мономанијак“, затоа што бев толку фокусиран на оваа тема. Но, на крајот се исплатеше. Го одржувавме нашето единство, исто така и во однос на санкциите, во текот на целиот мој мандат.

Повеќе на DW.com