Свет 25. јануари 2020. / 18:14

Трет случај на коронавирус во Франција

Трет случај на коронавирус во Франција
Амбулантни возила пред болница во Париз

Во Франција е потврден трет случај на коронавирус што се појави во Кина, соопшти Министерството за здравство.

Најновиот заболен бил близок роднина на еден од претходно забележените случаи. Тројцата заболени престојувале во Кина и се хоспитализирани во Бордо и Париз, со мерки на изолација.

Коронавирусот се претставува како акутна респираторна инфекција. Француските власти ги повикуваат луѓето со ризик да се следат и во случај на симптоми да не одат во болниците за итни случаи.

Според Министерството за здравство, опишаните симптоми главно предизвикуваат акутна респираторна инфекција: треска, кашлица, температура, болки во телото, замор и главоболки.

Исто така, пријавени се тешкотии во дишењето и белодробни абнормалности, како и потешки форми на патологии. Овие симптоми се вообичаени за другите патологии и го отежнуваат дијагностицирањето на овој вирус кој продолжува да мутира.

Сепак, постои тест за откривање. Развиен во Германија, а тој е веќе достапен во Париз и Лион. Низ цела Франција ќе биде достапен од следната недела.

Се верува дека пренесувањето од човек на човек се случува преку респираторниот тракт, преку контакт со рака и преку размена на плунка. Според првите набљудувања на одредени експерти, овој нов бирус е веројатно помалку  вирулентен од САРС (тежок акутен респираторен синдром), коронавирус со потекло од претходна епидемија, се појавил и во Кина, кој предизивика скоро 800 смртни случаи во 2002-2003. Според Жан-Клод Мангуера, истражувач од Институтот Пастер интервјуиран од Ле Паризиен, овој коронавирус е помалку заразен од грипот, затоа што почесто го има во „длабоките респираторни делови“.

Се препорачуваат конвенционални мерки на претпазливост за да се избегне контаминација: редовно да се мија рацете, да се користат марамчиња за еднократна употреба, кашлање во лактот, избегнување на лица изложени на ризик или дури и носење хируршка маска. Луѓето со симптоми слични на грип се охрабруваат да ја следат нивната температура.

Патниците што се враќаат од Кина се најмногу погодени од мерките на претпазливост. Ова е случај на двајца од трите француски пациенти заразени до денес.