Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека напаѓачот кој убил 12 лица во бар во јужна Калифорнија оваа недела, бил „многу, многу болен тип“, пренесе Ројтерс.
Истражувачите сеуште се обидуваат да го одредат мотивот на нападот на 28-годишниот ветеран.
Инаку во средата најмалку 13 луѓе беа убиени во нападот во кантри барот „Бордерлајн“ во Таузенд Оукс, соопштија локалните власти истакнувајќи дека меѓу загинатите е и напаѓачот.
Пред Трамп да замине во Париз во Белата куќа истакна:
– Тој е многу болно куче. – рече Трамп за напаѓачот.
Локалниот шериф Џеф Дин изјави дека во инцидентот се повредени десетици луѓе.
Меѓу загинатите е и заменик – шерифот Рон Хелус кој прв пристигнал во барот, откако била повикана полиција. Кога тој пристинал на лице место, се уште се пукало. Хелус им подлегнал на повредите во болница.
Дин изјави дека идентитетот на напаѓачот се уште не е познат и оти осомничениот веќе бил мртов кога полицијата пристигнала на местото на нападот.
– Се уште е рано да знаеме дали самиот си го одзел животот. – истакна Дин.
Полицијата, на која и помага и ФБИ, се уште ги истражува тврдењата дека е фрлена и димна бомба, но засега нема докази кои можат да го потврдат тоа.
– Го повикавме нашиот експертски тим за бомби и неколку кучиња трагачи по бомби кои ја проверуваат областа. Но, досега не најдовме ниту една друга експлозивна напарава, ниту докази дека била фрлена димна бомба. – соопшти Дин.
Во кантри барот „Бордерлајн“ во моментот на нападот имало стотина луѓе, а пукањето траело и кога дошла полицијата.
На сајтот на барот за среда вечер е најавена студентска вечер и часови по кантри танц.
За сега е познато дека непознат маж синоќа во бар во местото Таузенд Оукс, на околу 60 километри западно од Лос Анџелес и со околу 130.000 жители, прво испукал неколку куршуми, потоа наводно фрлил димни бомби, па продолжил да пука.
„Лос Анџелес Тајмс“, повикувајќи се на локалната полиција, јави дека се испукани најмалку 30 куршуми.
Сведоци изјавиле дека во барот повеќето биле студенти, дека ситуацијата била хаотична и оти луѓето почнале да скокаат од прозори.