Трамп се сомнева во застојот при броењето на гласовите и вели дека правдата ќе ја бара пред врховниот суд.
Во своето кратко обраќање, Трамп изјави дека е благодарен на милионите луѓе кои излегоа и гласаа за него и Републиканската партија и наведе дека неговата предност во најважните држави била толку голема, што Демократската партија морала да се осврне на измама и обиди за фалсификување на изборите. Наведе дека не само што победил во држави во кои тоа не било очекувано, туку и дека победата била поубедлива од она на кое сите се надевале.
Трамп изјави дека прославите во републиканските изборни штабови биле подготвувани од моментот кога било јасно дека победата е убедлива, но сето тоа морало да биде прекинато поради застој во пребројувањето на гласовите во најважните држави за овие избори, во кои самиот тој има предност од неколку стотици илјади гласови.
Во државите кои се сметаат дека ќе го одлучат исходот на овие избори, Трамп вели дека постигнал убедлива победа, особено во Мичиген каде што води со речиси 300.000 гласови, Пенсилванија каде што води со над 700.000 гласови, Џорџија и Висконсин со 120.000 и Северна Каролина со околу 80.000 гласови предност. Во повеќето од овие држави, бројот на избројани гласови е над 90% и според него е беспотребно да се одложува објавувањето на конечните резултати.
Трамп изјави дека овие резултати и неговото големо водство кое би го довело до сигурна победа, ги натерало Демократите да ги променат правилата на игра и боиштето да го префрлат пред судовите. Тој рече дека го предвидел истото и е спремен да се бори пред судовите со цел правдата да биде задоволена.