Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на САД им следуваат најтешки недели во борбата против корона вирусот, предупредувајќи дека ќе има многу смртни случаи.
Во своето дневно обраќање пред новинарите за пандемијата на Ковид-19 Трамп, сепак, во неколку наврати се осврна на потребата САД повторно да се отворат заради бизнисот.
– Мора повторно да ја отвориме нашата земја. Не сакаме да го правиме ова со месеци, месеци и месеци. Државата не е подготвена за тоа – изјави американскиот претседател.
Трамп исто така смета дека што е можно побрзо треба да се овозможи и одржување спортски настани и да се отворат рестораните.
Здравствените експерти во Белата куќа неодамна проценија дека САД би можеле да се соочат со 100.000 до 240.000 смртни случаи од Ковид-19.
– Веројатно никогаш не сме виделе такви бројки. Можеби за време на војната, за време на Првата и Втората светска војна – изјави Трамп.
Американскиот претседател најави дека 1.000 војници ќе бидат испратени во Њујорк, вклучително и воени лекари и медицински сестри.
Трамп исто така најави дека 29 милиони дози на лекови против маларија ќе бидат ставени во националните резерви за пациентите со корона вирус и истакна дека медицинската и заштитната опрема им се испраќа прво на оние на кои им е најпотребна.