Досегашниот американски претседател, Доналд Трамп, одлучи да го помилува својот поранешен главен стратег Стив Банон. Одлуката е донесена само неколку часа пред Трамп да ја напушти Белата куќа. Трамп во последните часови од функцијата помилува и 142 други лица.
Трамп им соопштил на своите соработници дека по долго размислување, одлучил да го помилува Банон како еден од неговите последни потези додека е на функцијата.
Стив Банон беше обвинет за заговор за измама преку донаторска кампања за изградба на ѕидот на границата со Мексико, ветен од Трамп. Последните денови се засилија шпекулациите во американските медиуми дека Трамп ќе го прекрши протоколот и ќе се помилува самиот пред да се повлече од функцијата.
Помилувањата ги објави Белата куќа на полноќ по локално време, неколку часа пред крајот на претседателството на Трамп. Сепак, претседателот не потпиша налози за помилување за себе, членовите на семејството или неговиот адвокат Руди Џулијани, кој водеше неуспешни обиди да ги поништи резултатите од минатогодишните претседателски избори.
Трамп ги помилува и раперите Лил Вејн и Кодак Блек, кои беа обвинети за криминални дела со оружје, како и поранешниот градоначалник на Детроит, Кваме Килпатрик, кој беше осуден на 28 години затвор под обвинение за корупција.
Банон беше клучен советник во претседателската кампања на Трамп во 2016 година, но минатата година беше обвинет за измама на приврзаници на претседателот во обид да собере средства за изградба на ѕид на границата со Мексико. Тој се изјасни за невин пред судот.
Банон (67) е уште еден помилуван политички сојузник на Трамп. Тој претходно го помилува советникот за национална безбедност Мајкл Флин, обвинет за лажење на ФБИ во врска со разговорите со поранешниот руски амбасадор и ја замени казната на Роџер Стоун, обвинет за лажење на Конгресот за време на истрагата за наводно руско мешање во изборите во 2016 година
– Банон се уште може да биде обвинет од државниот суд на Њујорк, каде помилувањето на претседателот нема да помогне, смета Даниел Алонсо, поранешен обвинител кој работи во адвокатската фирма Бакли.