На 95% од пребројаните гласови во Висконсин, Џо Бајден ужива во водство од 20.000 гласови пред актуелниот претседател Доналд Трамп.
Водството на Бајден во оваа фаза од пребројувањето на гласовите иако се чини недостижно, сепак е недоволно за државата Висконсин официјално да биде обоена во сино и 10-те гласови во изборниот колеџ да бидат запишани на конто на демократскиот кандидат.
Кампањата на Трамп изјави дека веднаш штом ќе бидат објавени резултатите, тие ќе побараат гласовите да бидат одново пребројани, најмногу поради сомневање за изборни нерегуларности и заговор за фалсификат од страна на Демократската партија.
– И покрај смешните анкети кои беа дел од тактиката на Демократите, знаевме дека Висконсин ќе биде тешка борба. До сега примивме неколку извештаи за нерегуларности во делови на Висконсин кои би можеле да покренат сериозни сомневања околу валидноста на резултатите. Разликата во гласовите е доволно мала за да повикаме на пребројување и ќе го сториме тоа веднаш штом резултатите ќе бидат објавени – изјави Бил Степиен, менаџерот на кампањата на Доналд Трамп
Поради сите овие компликации, официјалниот резултат се очекува да задоцни дури и неколку дена. Клучни држави кои во моментот можат да ја донесат победата за едниот или другиот кандидат се Мичиген, Висконсин и Невада.