Свет 24. јануари 2020. / 11:21

Трамп ќе објави мировeн план за Блискиот Исток пред Нетанјаху да ги посети САД

Трамп ќе објави мировeн план за Блискиот Исток пред Нетанјаху да ги посети САД

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе го објави долгоочекуваниот блискоисточен мировен план пред посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон следната недела.

Во изјава за новинарите во претседателскиот авион на пат кон политички настан во Мајами, Трамп изјави дека Палестинците можеби првично ќе реагираат негативно на неговиот план, но оти ќе имаат корист од планот.

– Тоа е одличен план. Тоа е план кој навистина ќе функционира – порача Трамп, кој во вторник ќе се сретне со Нетанјаху во Белата куќа.

Претходно во Ерусалим, потпретседателот на САД Мајк Пенс објави дека Нетанјаху и неговиот главен политички ривал Бени Ганц, наскоро ќе го посетат Вашингтон за да разговараат за „мировните можности“ со Палестинците.

Пенс ова го изјави по состанокот со Нетанјаху, што покрена шпекулации дека Белата куќа, по извесно одложување, се подготвува да го открие долгоочекуваниот мировен план за Блискиот исток.

Пенс соопшти дека претседателот Трамп му рекол да го покани Нетанјаху да дојде во Белата куќа следната недела за да разговараат за регионални прашања и мировните перспективи во Светата земја.

Пенс појасни дека Нетанјаху побарал да биде поканет и Ганц, додавајќи дека двајцата се согласиле да дојдат..

– Немаме подобар пријател од претседателот Трамп. Со овој повик, верувам дека претседателот сака да му понуди на Израел мир и безбедност што ги заслужува – изјави Нетанјаху, додавајќи дека со задоволство ја прифатил поканата.