Свет 17. ноември 2020. / 14:32

Трамп ќе го преполови бројот на американски војници во Авганистан

Трамп ќе го преполови бројот на американски војници во Авганистан

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе нареди намалување на бројот војници во Авганистан за речиси 50 проценти, односно на 2.500 до 15 јануари, изјави неименуван американски службеник.

Тој потег нема да ја исполни целта претседателот во заминување Трамп да ги повлече сите американски војници до крајот на годината, на што се спротивставија неговите воени и советници за надворешна политика.

Сега во Авганистан има меѓу 4.500 и 5.000 американски војници. Пентагон исто така очекува бројот на американски војници во Ирак да се намали на 2.500, од сегашните над 3.000.

Тие одлуки не изненадуваат откако Трамп го смени раководството на Пентагон во минатата недела и назначи луѓе лојални кон него кои не се задоволни што американските трупи сè уште се присутни во воените зони. Според планот, намалувањето на бројот на војници ќе заврши само пет дена пред избраниот претседател на САД, Џо Бајден, да стапи на должност.

Трамп не ја признава победата на Бајден на претседателските избори и тврди дека тие биле наместени во корист на поранешниот потпретседател на Соединетите држави. Иако не цитира докази за кражба на избори, Трамп се обидува да ги оспори резултатите пред федералните судови и најави дека доколку е потребно ќе го вклучи и Врховниот суд на САД.