Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека 2021 година ќе биде феноменална и дека ќе се вратат сите работни места кои се изгубени како резултат на корона вирусот, наведувајќи дека „победничкиот дух на очајните Американци“ веќе може да се види по „отворањето“ на повеќе од 30 сојузни држави.
Трамп изрази оптимизам и покрај тоа, како што рече, дека Американците биле очајни бидејќи сакаат да се вратат на работа по неколку недели изолација. Тој ги предупреди гувернерите да се движат побрзо кон отворање на економијата затоа што во спротивно земјата ќе се соочи со поголема социо-економска криза.
Во долгото интервју за телевизијата „Фокс“, Трамп изјави дека некои научници и гувернери биле „нереални“ и „апсолутно смешни“ во нивните повици да ја држат затворена нестабилната економија, кога повеќе од 33 милиони Американци ги загубиле своите работни места поради пандемијата на корона вирусот.
Ние ја создадовме најсилната економија во историјата на светот, најдобра што досега сме имале, најдобри показатели за вработеност, најдобри берзи, деловните параметри на секој начин – изјави Трамп и додаде дека САД предизвикувале завист кај целиот свет.
Американскиот претседател повторно ги повика другите гувернери да се движат во насока на отворање на економијата.
Работните места ќе се вратат, тие ќе се вратат следната година, а следната година ќе имаме феноменална година. Луѓето се подготвени за работа. Мораме да се отвориме. Победничкиот дух е веќе видлив затоа што повеќе од 30 држави почнааа да се отвораат и многу силно да се враќаат на сцената – изјави Трамп.
Поради епидемијата на корона вирусот и мерките воведени за спречување на неговото ширење, во април 20,5 милиони Американци останаа без работа, поради што стапката на невработеност се искачи од 4,4 на 14,7 проценти.