Претседателот на САД, Доналд Трамп, го напушти самитот на најразвиените земји во светот Г-7, со цел да го избегне разговорот за климатските промени.
Трамп одлучил да не дискутира за климатските промени, бидејќи не ги признава, а додека останатите земји од групата се противат на таквата позиција.
Г-7 лидерите на вториот и последен ден од самитот, се состанаа на појадок пред закажаното предвремено заминување на американскиот претседател, а во средиштето на утринскиот состанок било прашањето на родовата еднаквост.
Меѓутоа, самитот во целина беше засенет поради значајните разлики меѓу САД и другите шест земји кога станува збор за трговијата, откако Вашингтон кон своите клучните трговски партнери воведе царински обврски, за алуминиум и челик.
Трамп дополнително придонесе за општата загриженост во петокот, кога изјави дека во групата на најмоќните индустриски земји во светот треба да се врати и Русија, која од клубот Г-7 или Г-8, како што тогаш се нарекуваше, беше исфрлена по воената интервенција во Украина и анексијата на Крим во 2014. Тогаш, американски претседател беше Барак Обама.
Претставниците на земјите од Европската унија во петокот беа едногласни дека и натаму не се исполнети условите за враќање на Русија на групата, за што, на маргините на самитот, информираше германската канцеларка Ангела Меркел.