Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека Израел и Мароко се согласиле за нормализирање на односите, што е четврти арапско-израелски договор во изминатите четири месеци.
Според договорот, САД ќе го признаат суверенитетот на Мароко над спорниот регион Западна Сахара.
Трамп рече дека Израел и Мароко ќе ги обноват дипломатските и другите односи, вклучително и итно отворање канцеларии за врски во Рабат и Тел Авив и на крај отворање амбасади.
Американски официјални лица изјавија дека договорот ќе вклучува и право на меѓусебни прелети на авиони.
Белата куќа соопшти дека Трамп и мароканскиот крал Мохамед Шести се договориле дека Мароко „ќе ги обнови дипломатските односи со Израел и ќе ја прошири економската и културната соработка со цел да придонесе за регионалната стабилност“.
– САД исто така ќе го признаат суверенитетот на Мароко над поранешната територија на Шпанија во Северна Африка, што е спорно прашање во меѓународните преговори со децении, соопшти Белата куќа.
Мароко е четврта арапска земја што го признава Израел во време кога американската администрација настојува што повеќе земји да се придружат на таканаречениот „Аврамски договор“, склучен ова лето меѓу еврејската држава и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
На нив им се придружија Бахреин и Судан, а претставници на администрацијата на САД исто така се обидуваат Саудиска Арабија да ги нормализира односите со Израел.