Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп го искористи периодот меѓу изборите кои ги изгуби и инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден официјално да ги повлече САД од договорот Отворено небо.
Станува збор за договор од витално значење за меѓународниот мир, со 34 земји потписнички. Договорот им овозможува на земјите потписнички да ја надгледуваат територијата на другите членки преку програмата на невооружени извидувачки летови. Договорот е склучен во 2002 со примарна цел минимизирање на опасноста од избивање на војна меѓу Русија и западните земји, особено од НАТО пактот.
„Соединетите Американски Држави на 22 мај го искористија своето право и ги информираа потписниците на договорот и државите учеснички за својата одлука да се повлечат од договорот“, соопшти портпаролот на Стејт департментот.
Трамп уште во мај годинава официјално го најави повлекувањето на САД од договорот Отворено небо, наводно поради руското непочитување на договорот. Вистината е дека американските воени функционери веќе подолго приговараат дека Москва не се придржувала целосно до условите на договорот, односно дека им ги ограничувала летовите на американските авиони, известува Вол стрит џурнал.
И покрај тоа, американските и руските авиони речиси 30 години помалку или повеќе слободно летаа над териториите на Русија, односно на САД, и во овие извидувачки мисии собираа и проверуваа информации за противничките воени сили и активности. Идејата зад договорот е на овој начин да се спречуваат недоразбирања и сомнежи, и, во согласност со тоа, можна ескалација на тензиите.
Но, Трамповата администрација пред заминувањето отиде и чекор понатаму и ја почна процедурата на отстранување на двата специјално опремени извидувачки авиони ОЦ-135Б кои САД ги користеа во програмата Отворено небо.
Висок американски воен функционер за Вол стрит џурнал кажа дека овие два авиони сега се категоризирани како „излишни одбранбени артикли“, што значи дека може да им се продадат на воените сојузници по намалена цена, или едноставно да ги подарат.
– Почнавме да ја ликвидираме опремата. Други земји можат да дојдат и да ја купат или едноставно да ги земат авионите (без опремата). Авионите се навистина стари и скапи за одржување. Едноставно повеќе немаме потреба од нив, додаде функционерот правдајќи го потегот на Трамп.
Камерите кои авионите ги користеле за надзор веројатно ќе им бидат подарени на европските сојузници кои остануваат во договорот. Пентагон планираше да ги замени камерите со нови дигитални камери, но сега ќе ги префрли на други единици на воздухопловните сили.
Меѓутоа, некои критичари на Трамп тврдат дека ова е „финалната услуга за Путин“. Од друга страна, руското министерство за надворешни работи го осуди повлекувањето на Вашингтон од договорот обвинувајќи го за лицемерие и лажни ветувања од мај дека американската страна „би можела повторно да размисли за својата одлука ако дојде до промена на руската позиција“.
Ова, меѓутоа, не е единствениот потег на Трамп на крајот на неговиот мандат кој изгледа како да е насочен да го отежне поништувањето на одлуките на Трамп од страна на Бајден. Администрацијата на Трамп воведе и нови санкции на Иран кои дополнително ќе го отежнат евентуалното враќање на САД во иранскиот нуклеарен договор, кој го склучи Барам Обама, а го раскина Трамп.
Исто така, Трамп донесе одлука бројот на американските војници во Авганистан и Ирак да се намали на по 2.500 војници во тие две земји. Воените експерти предупредуваат дека 2.500 војници не се одржлив број за одвраќање на талибанците во Авганистан од освојување на целата земја.