Американскиот претседател Доналд Трамп испрати повик до гувернерите да овозможат црквите и другите верски објекти во сојузните држави да ги отварат вратите додека земјата полека ги укинува мерките на карантин по епидемијата од корона вирусот.
На брифинг за новинарите во Белата куќа Трамп изјави дека ги идентификувал верските објекти, цркви, синагоги, џамии, за суштински места кои обезбедуваат суштински услуги.
Гувернерите треба да го направат тоа што е исправно и да овозможат овие важни суштински места за вероисповест да се отварат веднаш, за викендот. Ако не го сторат тоа ќе ги анулира нивните решенија. Во Америка нам ни треба повеќе места за молитва, не помалку – изјави Трамп.
Во САД викендов е празникот Ден на сеќавањето, посветен на сите Американци кои загинале во борба во разни војни и ја дале конечната жртва за нацијата.
Претходно, по повод овој ден, Претседателот нареди знамињата на сите владините згради и споменици да бидат спуштени на половина копје во следните три дена за сеќавање на Американците кои ги загубија животите во пандемијата на корона вирусот.