По информациите за првиoт смртен случај од корона вирус во САД, американскиот претседател Доналд Трамп побара од Американците да не креваат паника и соопшти дека властите воведуваат предупредување од највисока, четврта категорија во однос на патувања во Италија и Јужна Кореја.
На прес конференција во Белата куќа, Доналд Трамп и неговиот потпретседател кој го предводи штабот за борба со корона вирусот, ги презентираа чекори што треба да се преземат за сузбивање на острото респираторно заболување.
Претседателот соопшти дека првата американска жртва на корона вирусот била пациентка на возраст од над 55 години со слаби здравствени показатели.
Потпретседателот Пенс, кој е задолжен да раководи со напорите да се спречи вирусот во САД, истакна дека се работи со полн капацитет и дека администрацијата на Трамп успеала да спречи епидемија во земјата откако уште при крајот на јануари ја затвориле границата за патници од Кина.
Тој укажа дека Стејт департментот излегува со предупредување до Американците да не патуваат во Јужна Кореја и некои области во Италија. Предупредувањето е од четврта категорија, најсериозно во однос на патувања во странство.
– Сите Американци кои моментално се наоѓаат во тие земји и области, на враќање во САД ќе мора да поминат задолжителни тестирања од коронавирус кои ги вршат властите во тие земји – изјави Пенс.
Трамп изјави дека можноста да се појават нови инфекции во Америка е присутна, но дека земјата е подготвена за секаков развој на ситуацијата.
Тој изјави дека во понеделник ќе се сретне со раководителите на индустријата за лекови во САД за да разговара за можноста од разработка на вакцина.
Според некои медиуми, во моментов во САД се потврдени 62 случаи на корона вирус, а најголем дел од нив се поединци кои се заразиле во странство, а потоа биле евакуирани во САД.